Европската комисија (ЕК) им изрази силна поддршка на ФИФА и УЕФА во борбата против формирањето на нова т.н. Суперлига, замислена како натпреварување од затворен тип на најбогатите европски клубови што би требало да ја замени Лигата на шампиони.

-Нема место за некои поединци, кои сакаат да ја искриват повеќеслојната природа на европскиот фудбал. Европскиот начин на живот е неспоив со идејата дека европскиот клупски фудбал би бил ексклузивно право на богатите и влијателните“, изјави потпретседателот на ЕК, задолжен за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас.

Тој со изнесеното во интервју за магазинот „Политико“ го обелодени ставот на ЕК во врска со растечките најави во јавноста дека група богати и влијателни европски фудбалски клубови планираат да се обединат во сопствено натпреварување од затворен тип.

Реакцијата на Схинас доаѓа два дена откако ФИФА и шесте континентални федерации. (АФЦ, ЦАФ, КОНКАКАФ, КОНМЕБОЛ, ОФЦ, УЕФА) се заканија со строги казни за сите клубови и играчи, кои евентуално би учествувале во најавената Суперлига.