Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро Хернандес изјави дека постои зголемена загриженост поради развојот на ситуацијата во Црна Гора.

Таа потсети дека слободата на собирање е основно право на ЕУ, но дека тоа право истовремено треба да се применува без штети за јавното здравје и со целосна почит кон владеењето на правото, јавниот ред и безбедноста на сите граѓани на Црна Гора.

– Секоја употреба на сила мора да биде одмерена и пропорционална во секој момент. Повикуваме на воздржаност и очекуваме сите надлежни органи соодветно да истражат и обезбедат ефикасно судско процесуирање на сите случаи на насилство, како против демонстрантите, така и против полицајците, истакна портпаролката на ЕК.

Митрополитот црногорско-приморски Јоаникије беше устоличен вчера во манастирот на Цетиње, и покрај силното противење и протестите на голем број граѓани, предводени од Демократската партија на социјалистите на претседателот Мило Ѓукановиќ.

Поради блокада на патиштата кон Цетиње, свештениците со хеликоптер беа префрлени во манастирот, а потоа на ист начин се вратија во Подгорица.

Демонстрантите ја нападнаа полицијата со камења, а таа одговори со солзавец. Поради напад на полицијата уапсен е и советникот на црногорскиот претседател, Веселин Вељовиќ.