Македонскиот атлетичар и член на АК Работнички, Андреас Трајковски, го освои златниот медал во скок во далечина на Европското првенство во атлетика за мали земји (European Challenger Championships), кое денес се одржа во Монако.

Андреас уште во втората серија го постави победничкиот резултат од 7.62 метри. По првиот скок од 7.43 метри, тој значително го подобри резултатот и изби на првата позиција. Поради грчеви во мускулот беше принуден да го прекине настапот и да не ги изведе преостанатите скокови, но и покрај тоа неговиот резултат остана недостижен за конкуренцијата.

– Ова е уште еден значаен меѓународен успех за македонската атлетика и потврда за континуитетот на Трајковски, кој и оваа сезона продолжува со одлични настапи на меѓународната сцена. Денес во Монако, на победничкиот подиум се развиори македонското знаме, а од звучниците се слушна македонската химна – момент кој секогаш предизвикува гордост и силни емоции кај секој што ја претставува Македонија, објави АК Работнички.

Втор заврши Мухамет Кнџели (Албанија) – 7.46 м, трет беше Андреас Мачалекидес (Кипар) – 7.33 м.