Раководството на ДУИ работи на спојување со СДСМ, изјави Фатмир Лимани, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во синоќешното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ 21.

– Не можам да кажам со сигурност дека Ахмети работи за спојување на ДУИ со СДСМ, но со неговите политики и постапки последните неколку месеци станува јасно дека Ахмети работи во таа насока. Затоа сум револтиран. Затоа има многу други членови на ДУИ кои се против ова спојување. Мислам на Муса Џафери, Изет Меџити, Садула Дураку, Блерим Беџети и други. Овие луѓе се против моменталните политики на ДУИ и против именувањата на функционерите на ДУИ во Влада, затоа што ниту еден од нив ги нема поминато партиските филтри, рече Лимани.

Лимани е заминик директор на ЕЛЕМ, а пред една недела тој даде оставка од сите позиции во ДУИ, и се промовира како независен канидат за градоначалник на Кичево.

Тој синоќа упати серија обвинувања на сметка на актуелниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари. Рече дека работи нечесно, непрофесионално и е причина за заминување на младите од Кичево во странство. Според Лимани има корупција во Општина Кичево.