Македонија е преплавена со конфискувани возила, но Агенцијата за управување со конфискуван и одземен имот, според директорот Фатон Асани, не може да постапува и да ги додели на државна институција или да ги понуди на аукција затоа што нивната правосилност е заглавена во бавните судски процеси.

– Агенцијата континуирано работи на проблематиката, има конфискации и очекуваме поголеми.  Како Агенција чекаме на судовите, откако ќе добиеме правосилни решенија постапуваме. Континуирано се конфискува, моментно имаме голем проблем со возила, цела Македонија е преплавена со нив. Во Идризово и Миладиновци  има 3.500 автомобили, 2.500 во Шумска полиција, полициските станици ги затекнавме преполни со такви автомобили, изјави денеска Асани.

Во Македонија, но и во другите држави, дополни, судските процеси траат долго,  четири до пет години, и затоа судовите треба да работат поажурно.

– Бројчаникот што беше ветен пред изборите треба да врти, но за да се случи тоа треба да „вртат“ судовите. Ако „вртат“ тие ќе „врти“ и Агенцијата, искоментира Асани, не изнесувајќи податоци за вредноста на одземениот имот, во кој покрај автомобили има и пари и недвижнини.

На Годишната регионална конференција за најдобри практики во сферата на конфискацијата и управувањето со одземен имот во организација на Балканската интер-агенциска мрежа за управување со одземен имот (БАМИН), што се одржува денеска во Скопје, Асани рече дека конфискацијата како репресивна мерка истовремено има превентивно дејство, а сторителите на криминални дела стануваат свесни дека имотот  и имотната корист стекнати преку криминал ќе им бидат одземени.

Во Босна и Херцеговина, каде почнале со одземање имот пред година и половина, досега е одземен имот во вредност од околу 20 милиони евра, изјави Кенан Каро, директор на босанската Агенцијата за одземен имот.

Одземени се хотел, студентски дом, бензинска пумпа, автомобили, скапоцени вили, накит…

– Од тој имот нешто издаваме, дел е подарено на здружение за грижа за деца болни од рак. Поентата на целата приказна е се што ќе се одземе да се даде во хуманитарни и социјални цели, за училишта, спортски клубови, наведе Каро, потенцирајќи дека нема цел некој да биде гонет за извршено кривично дело и  добие затворска казна а да му останат милионите кои ги заработил нелегално.

Како што потенцира македонскиот заменик министер за правда Оливер Ристовски, државите постепено го менуваат начинот на делување од класично казнување со затворски казни и акцентот се повеќе се става на конфискација на нелегално стекнатиот имот и имотната корист.

БАМИН мрежата е составена од релевантните владини агенции од земјите од Западен Балкан одговорни за управување и понатамошно процесирање на средства и имот одземени со кривични постапки при борбата со различни видови на криминал.

Целта на БАМИН, информираше претставникот на нејзиниот секретаријат Андреа д Анџело,  е да им помогне на државите да имаат подобра процедура што побргу да ги продадат запленетите средства и имот и тие да се вратат кај граѓаните и државните буџети.

– Ова е заеднички проблем за сите држави. Нормално дека секаде има предизвици. Криминалот не познава граници, криминалец од Македонија ќе инвестира свои  средства во друга држава и обратно и од тие причини мора да соработуваме. Ако не соработуваме тогаш криминалот победува, порача д Анџело.

Со БАМИН годинава претседава Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот на Република Македонија