Потрес со магнитуда од 4,2 степени по Рихтер синоќа ја потресе Имотска краина во Хрватска, а утрово Имоќани ги дочека нов шок. Како што пренесува Вечерњи лист, водостојот на реката Врлика на нејзиниот главен извор почнал драстично да паѓа, јави Радио Имотски.
Од оваа река со вода се снабдуваат 98 отсто од жителите на Имотска краина. Нивото на Врлика утрово во 6:20 часот било за 68 сантиметри помало во споредба со нивото пред потресот, а во 9 часот нивото паднало за цел метар.
Ист случај бил забележан и на 24 мај 2004 година кога по потресот реката се повлекла за неколку сантиметри во утробата на земјата. За среќа, брзо се вратила во првобитната состојба. Но, овојпат минало повеќе од 10 часа, а нивото на водата во реката и натаму паѓа.
Медиумите во Хрватска пренесуваат сведоштва за синоќешниот потрес.
– Живеам во стан на трет кат, и осетив силен потрес. Еден час подоцна, се уште го чувствувам потресувањето, напишал жител на Имотски.
Слично додава и друг:
– Не ми беше сеедно, се уште ми татни- коментира тој.