Новата ѕвезда на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандес изјави дека Кристијано Роналдо го инспирирал да го исполни „детскиот сон“ и да заигра за „црвените ѓаволи“.

Фернандес премина од Спортинг Лисабон за сума од 55 милиони евра, а португалскиот репрезентативец веќе се етаблира како клучен играч во составот на Оле Гунар Солскјер.

Тој сподели дека Роналдо, кој во текот на своето време во Манчестер освоил три титули во Премиер Лигата и една во Лигата на шампионите, играл улога во неговиот трансфер од Португалија во Англија.

– Јас сум обожавател на Кристијано Роналдо и тој е играч што јас секогаш сум го следел. Кога Кристијано експлодираше на сцената овде во Манчестер, тој уживаше голем успех. Затоа ми беше сон да играм за Манчестер Јунајтед и јас сум многу задоволен што сум овде, затоа што тоа е остварување на сонот. Мислам дека секој играч кој му се придружува на Манчестер Јунајтед сака да освои сè; Сакам да победам на секој турнир каде игра Манчестер Јунајтед. Јас сум амбициозен играч кој сака успех и сакам да победам на секој натпревар во кој играм, изјави Фернандез за „Скај Спортс“ пред судирот утре против Ватфорд.

Тој додаде дека не разговарал со Роналдо пред да дојде на „Олд Трафорд“, но го направил тоа откако потпишал за англискиот гигант.

– Знам дека некои го прашаа Кристијано што мисли за мене и каков играч и личност сум. Знам дека тој кажува добри работи за мене, затоа му испратив порака и му се заблагодарив за неговите љубезни зборови, додаде играчот од средниот ред.