Фудбалската федерација на Македонија ја прифати жалбата на Вардар за неправилен настап на фудбалерот Окере Ебубе Висдом и донесе одлука со која Тиквеш е елиминиран од Купот на Македонија.
Натпреварот од осминафиналето е регистриран со службен резултат од 3:0 во корист на скопскиот тим.
Комисијата за натпревари на ФФМ на денешниот состанок ја разгледа жалбата на Вардар и одлучи да ја прифати, со што е потврдено продолжувањето на „црвено-црните“ во четвртфиналето од Купот за актуелната сезона.
Во официјалното соопштение, федерацијата ја образложи одлуката повикувајќи се на важечките правилници и пропозиции за натпреварувањето.
„СЕ УСВОЈУВА жалбата на ФК Вардар АД Скопје за неправилен настап на фудбалерот Окере Ебубе Висдом за ГФК Тиквеш 1930 АД Кавадарци, на осминафиналниот натпревар од Купот на Македонија за сезоната 2026/27, ФК Вардар АД Скопје – ГФК Тиквеш 1930 АД Кавадарци.
Согласно член 99, став 1, алинеја II и став 4 од Правилникот за натпревари на ФФМ, како и земајќи ги предвид член 8 и член 30, став 2 од Пропозициите за Куп-натпреварувањето на ФФМ за сезоната 2026/27, член 63, став 6 и член 68 од Правилникот за натпревари на ФФМ, ГФК Тиквеш 1930 АД Кавадарци се елиминира од Куп-натпреварувањето на Македонија за сезоната 2026/27, а натпреварот ФК Вардар АД Скопје – ГФК Тиквеш 1930 АД Кавадарци се регистрира со службен резултат од 3-0 за ФК Вардар АД Скопје.
ГФК Тиквеш 1930 АД Кавадарци, согласно член 41, став 2, алинеја 2, се казнува со автоматска казна од 1.000 евра, во денарска противвредност на денот на уплатата“, соопшти ФФМ.
Од Комисијата за натпревари посочуваат дека одлуките ги носат исклучиво врз основа на важечките правилници, пропозиции и акти на ФФМ, кои се усогласени со соодветните регулативи на ФИФА и УЕФА.
Оттаму нагласуваат дека правилата се применуваат подеднакво за сите клубови, без оглед на нивната партиска, верска, етничка или расна припадност.
ФФМ објаснува дека при одлучувањето се водела сметка и за тоа да не се предизвикаат дополнителни последици за Тиквеш во натпреварувањето во Првата македонска фудбалска лига. Поради тоа, Комисијата одлучила да не покренува дополнителни дисциплински пријави, ниту да бара одговорност од фудбалерите кои учествувале на натпреварот, со цел да се заштитат регуларноста на натпреварувањето и самите актери на теренот.




