Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+ со стабилен изглед.
Како што наведуваат од агенцијата, ова се должи на низата кохерентни макроекономски и финансиски политики и подобрите индикатори за управување, развој на човечки ресурси и околина за водење бизнис во однос на ББ просекот.
„Фич“ пишува дека домашната политичка ситуација е нормализирана после подолг период на „политичка парализа“ од 2014-2017 година. Согласно агенцијата, процесот на евроинтеграција останува приоритет на земјата и двигател на реформите.
Како што наведува агенцијата, проекцијата за раст на македонската економија за годинава 3,4 проценти од БДП, што претставува забрзување во однос на лани. Нивните очекувања се растот да биде придвижен од домашната побарувачка. Во извештајот се наведува дека инвестициите во првото полугодие од годинава пораснале за 10,4 проценти што, според агенцијата, се должи на зајакнатата доверба на инвеститорите и на растот на кредитирањето.
„Фич“ оценува дека трендовите на пазарот на труд се позитивни со раст на вработеноста за 2,2 проценти и намалување на стапката на невработеност за 0,7 процентни поени на 17,1 проценти заклучно септември. Тие очекуваат растот на инвестициите и на вработеноста да бидат поттикнувачи на економскиот раст и догодина, како и растот на минималната плата, пензиите и платите во јавниот сектор.
Агенцијата посочува дека извозот растел брзо, 13,2 проценти заклучно со септември, и покрај слабостите во еврозоната, особено во автомобилската индустрија во Германија. И увозот растел брзо, придвижен главно од увозот на суровини.
– Државниот долг е проектирано умерено да се зголеми од 40,7 проценти од БДП на крајот на 2019 година на 41,2 проценти на крајот на 2021, пишува „Фич“. Владините гаранции за јавни проекти, главно поврзани за проекти за патишта се очекува да се зголемат од 8,1 проценти од БДП во третиот квартал од 2019 на 10 проценти во 2020 година.
Банкарскиот сектор е оценет како стабилен и добро-капитализиран. – Депозитите растат за 10 проценти, додека уделот на денарски депозити во вкупните е зголемен и изнесува 61,3 проценти во вкупните депозити. Кредитната активност е повисока за 7,4 проценти, пишува Фич и согласно нивните очекувања таа ќе порасне за 8,5 проценти догодина како резултат на зголемената побарувачка.
Во јуни годинава, „Фич“ го зголеми кредитниот рејтинг на земјава од ББ на ББ+, што беше прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја после 13 години.