Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино денеска се спротивстави на идејата на шпанската лига првенствениот натпревар меѓу Жирона и Барселона во јануари да се одигра во САД.

– Заклучивме дека сите првенствени натпревари мора да се играат на територијата на државата, изјави Инфантино по седница на УО на ФИФА.

Шпанскиот фудбалски сојуз во август потпиша контроверзен 15-годишен договор со фирмата Релевент Спортс за да зајакне присутноста на Ла Лига во САД, и една од одредбите е играње еден натпревар на американско тло секоја сезона.

– Ако добиеме службен допис од ФИФА според кој играње натпревари во САД е забрането, веднаш ќе го пријавиме случајот во меѓународната спортска арбитража, изјави портпарол на Ла Лига.

Барселона и Жирона се согласија да го играат натпреварот во Мајами.