Нека протестираат пред инфективна клиника, нека ги погледнат в очи семејствата на оние кои се борат за живот и на оние кои веќе заминаа, а се заразиле најверојатно на нивните настапи и свадби каде што настапувале, реагира министерот за здравство Венко Филипче.
Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање како го коментира најавениот утрешен протест на музичарите.
– Нека протестираат пред инфективна клиника, нека ги погледнат во очи семејствата на оние кои се борат за живот и на оние кои веќе заминаа, а се заразиле најверојатно на нивните настапи и свадби каде што настапувале. Лесно е да излезеш на протест, тешко е да седнеш и да најдеш решение кое ќе биде добро за сите. Владата не остави никого на цедило, помогнато е на сите со неколкуте владини економски пакети и ќе помагаме и понатаму, отворена е вратата на Владата за сите здружениеја и синдикати и групи кои се загрозени од ситуацијата и ќе најдеме со сите решение. Владата нема да остави никого на цедило да се снаоѓа сам во ова тешко време, само треба сите да бидеме одговорни и совесни чинители. Мерките кои сме ги донеле се неминовно решение за да превенираме масовна хаварија на здравствениот систем каде нема да може болниците да примат болни народ и тоа ако некој не може да го разбере тогаш нема шанси да се спасиме од најцрното сценарио. Мораме сите да бидеме на висината на задачата овој период, изјави Филипче.
Утрешниот протест на музичарите следува по рестриктивните мерки за угостителските објекти, каде што повеќе нема да смеат да настапуваат музичарите. Како што кажаа музичарите протестот ќе биде со песна, со цел да го изразат револтот поради тоа што нема да настапуваат повеќе во локалите, а како што велат и самите тоа им е единствениот извор на финансии.