Од денеска за влез во објектите потребен е сертификат со примени две дози вакцина или потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат мерките, да бидат одговорни и да се вакцинираат.
– Ги повикуваме граѓаните кои сѐ уште не се вакцинирани, што побрзо да го направат тоа. Само со колективен имунитет може да го победиме вирусот, соопштија вчера од Министерството за здравство, откако објавија за новите измени за влез во објекти.
Министерот за здравство Венко Филипче во петокот изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки, бидејќи сегашните се сосема доволни, но дека треба да се почитуваат. Носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето, како што посочи Филипче, се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата.
– Остануваме засега со истите мерки и апелираме сите да се придржуваат до нив. Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши, рече Филипче.
Според вчерашните податоци, регистрирани се 285 нови случаи на Ковид-19 од направени 2.667 тестирања. Речиси половина од новите случаи се во Скопје – 110, по што следат Битола – 30, Прилеп – 24, Кочани – 20, Велес – 17, Куманово – 16, Тетово – 10, Кавадарци – 9, Гевгелија – 8, Неготино – 7, Ресен – 5, Штип, Охрид, Кичево и Свети Николе – по 4, Демир Хисар и Пехчево – по 3, Богданци – 2, Струмица, Делчево, Виница, Пробиштип и Кратово – по 1.
Починати се пет лица од кои по двајца од Скопје (72г и 91г) и од Велес (72г и 87г), а едно починато лице е од Берово (79г). Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин пријавени се три починати лица со датум на смрт од 22.10.2021 до 26.10.2021. Регистрирани се починати лица од Скопје (2) и Кочани (1), на возраст од 72-85г, од кои едно лице е починато во домашни услови, а 2 лица се починати во болнички услови.
Од почетокот на пандемијата, во земјава се дијагностицирани вкупно 209.277 заболени. Оздравени се 193.400, а починати 7.328. Бројот на активни случаи е 8.549.