Само 5.850 дози од вакцината анти Ковид-19, од фармацевскиот производител Фајзер, се очекува да пристигнат во Македонија, во февруари од вкупниот број од 800.000 вакцини против коронавирусот во текот на годинава.
– Првите 5.850 дози вакцини на Фајзер ќе стигнат во февруари, потоа ќе следува пратка со поголема количина во март, април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе се утврди, најавија од Министерството за здравство. Паралелно со процедурата за набавка на вакцините анти Ковид-19, од ова Министерство истакнаа дека месецов се очекува да пристигнат и фрижидери на -70 степени Целзиусови, каде ќе бидат складирани вакцините.
Министерот за здравство, Венко Филипќе по однос на ова прашање вчера додаде дека освен пакетот вакцини кои ќе стигнат преку Ковакс-механизмот, се очекуваат вакцините и од Бугарија, Полска, Грција и Австрија, кои најавија дека ќе одвојат дел од вакцните за нејзините граѓани, преку третиот – солидарен механизам на земјите од ЕУ кои отстапуваат вакцини за земјите кои се надвор од Унијата.
Според најавите на премиерот, можно е земјава да добие вакцини и пред февруари: Сите варијатни се отворени. Има најави и за вакцини од Кина во јануари, но тоа засега не е потврдено. Допрва се очекува да се видат условите, рече премиерот во гостување на дневникот на ТВ Сител.
-Имаме најави и со Кина за околу 200.000 вакцини за овој месец, но ќе видиме кои се условите. Кина има пет вакцини кои ги поминале фазите и тие веќе се дистрибуираат надвор од Кина и две во фаза на тестирање. Чекаме и од ЕУ од Ковакс механизмот, од кои 100 милиони вакцини се за Западен Балкан, истакна премиерот.
Вакцината први ќе ја примат здравствените работници, повозрасните лица и хроничните болни, а потоа сите граѓани. Вакцината за сите ќе биде бесплатна.
Министерот Филипче со цел да се надминат сомнежите и да се стави крај на шпекулациите за вакцините, најави сериозна кампања преку националните медиуми за да подигање на јавната свест.
-За да се надминат сомнежите кон вакцините, рече, се планира сериозна кампања преку националните медиуми и со нивна поддршка верува дека ќе се подигне јавната свест, а дека и СЗО размислува за некој вид сертификат за примена вакцина.
Според министерот, ситуацијата со заразата во земјава се подобрува, но се уште е рано да се каже дека дефинитивно епидемијата спласнува. Трендот на помалку заразени според него се должи на почитување на мерките за што придонеле самите граѓани – затворените угостителски објекти, носењето заштитни маски и избеганатите големи собири.
Последните податоци во однос на состојбата со бројките со Ковид-19 во државата покажа дека бројката на оздравени пациенти од коронавирусот е далеку поголем од бројот на ново заразени. Од вкупно 761 тестирања, вчера се регистрирани 106 нови случаи позитивни на корона вирусот. Од друга страна во Институтот за јавно здравје се регистрира 603 оздравени пациенти од кој најголемиот број во Скопје – 230, потоа следат Охрид со 54 оздравени, Прилеп 51, Струга 30, Куманово 24. Но, билансот на починати лица од Ковид-19 и понатаму е висок, односно вчера како што соопштија од Министерството за здравство се регистрирани нови 20 починати лица од Ковид-19, и тоа четири пациенти од Скопје (85, 63, 86 и 77г), еден од Куманово (65г), еден од Дебар (68г), двајца пациенти од Прилеп (75 и 81г), двајца од Битола (84 и 69г), еден од Охрид (55г), еден од Кавадарци (81г), тројца пациенти од Гостивар (55, 59 и 67г), еден од Крива Паланка (82г), еден од Крушево (49г), еден од Валандово (64г) и двајца од Неготино (66 и 80г). Пациентите се починати во болнички услови.
Заклучно со 4 јануари во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 536 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Според најавите на директорот на Агенцијата за лекови и медицинси средства, Лирим Шабани, до крајот на оваа или на почетокот на другата недела се очекува дека во државава ќе стигне лекот Ивермектин, кој ќе се користи во лекувањето на заболените од Ковид-19.
Тој посочи дека ги одобриле сите барања кои ги имале од болниците и веледрогериите кои ги исполниле услови.
– Дадовме одобрение за увоз и останува на компаниите на фармацевтските куќи кога ќе можат да го донесат лекот. Ни најавија дека има полициски час во неколку држави и дека тешко ќе биде за неколку дена да стигне лекот. Најверојатно ќе стигне или крајот на оваа недела или на почетокот на другата недела, односно после Божик кога ќе бидат слободни патиштата за транспорт. Ние ги завршивме сите административни проедури и сега прашањето е техничко кога ќе можат тие физички да го донесат, имајќи предвид дека има лок даун во неколку држави заради празниците. Како и да е за скоро ќе биде. Верувам дека за недела дена или за десет дена ќе го донесат, рече за МИА Шабани.
Заклучно со 4 јануари во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 536 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.