Вистинското извинување подразбира признавање на грешката, менување на начинот на однесување и санкции за Иван Стоилковиќ – изјави денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче, осврнувајќи се на вчерашните настани во Собранието, на седницата на чиј дневен ред беше реконструкцијата на Владата, а на која на една од паузите опозициски пратеници забележаа дека биле навредувани од сега веќе избраниот министер за локална самоуправа, Стоилковиќ.
Премиерот Мицкоски, вчера, непосредно пред гласањето на новите министри им се извини на пратениците и на граѓаните за настаните во Собранието и изрази надеж дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори.
„Исто така, ќе ми дозволите, како претседател на Владата, да ви се извинам вам, на пратениците, и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори“ – истакна вчера Мицкоски.
– Ќе беше културно и достоинствено ако се извинише, но тој само создаде привид дека се извини, во празна сала, откако опозициските пратеници ја напуштија. Не само тоа, туку приреди еден политички театар – едно срамежливо, изнудено „извинете“. Меѓутоа, тоа не може да ги избрише навредите и неговиот начин на однесување. Вистинското извинување подразбира признавање на грешката, менување на начинот на однесување и санкции за Иван Стоилковиќ, кој го направи тоа во собраниската сала. Граѓаните заслужуваат почит и достоинство. Заслужуваат премиер што обединува, а не човек што ги дели и навредува. Ќе го повторам она што го кажав вчера: никој не му се плаши на Христијан Мицкоски. Овој начин на однесување е само одраз на неговата слабост и неспособност – рече денеска Филипче.
Според лидерот на СДСМ, кога нема резултати и решенија, „Мицкоски им се заканува на пратениците и се обидува да создаде алиби за предвремени избори“.
– Ова не е ново однесување кон граѓаните. Каква порака им испраќа овој пример на младите, на студентите? Каква порака им испраќа на граѓаните на Македонија? Притоа, ова не го гледаат само Македонија и граѓаните тука, туку и цела Европа. Вакво однесување од еден претседател на Владата досега не е видено. Ниту кај нас, ниту каде било во Европа – рече Филипче.
Во однос на реконструкцијата на Владата, смета дека тоа е ревидирана верзија на, како што рече, „Влада неспособна да се справи со ниту еден проблем на граѓаните“.
– Од оваа Влада граѓаните може да очекуваат само една нула. Ниту план, ниту визија, ниту стратегија како да ги решат секојдневните поголеми проблеми на граѓаните и државата – изјави тој.
Филипче се осврна и на евроинтеграциите нагласувајќи дека денеска е т.н. супер вторник на проширувањето на Европската Унија кога се одржуваат четири меѓувладини конференции, со Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора.
– Се затвораат поглавја со Албанија и Црна Гора, а се отвораат нови кластери и поглавја со Украина и Молдавија. Вчера, имаше средба во Париз по повод националниот празник на Франција. Таму, на местото каде што беа собрани сите европски лидери, нè претставуваше вицепремиерот Беким Сали. Немам никаква забелешка за протоколарниот дел, но дали е ова вистинско однесување на еден премиер на држава? Да не биде присутен таму каде што се собрани сите европски лидери, на едно место, каде што може да се бори за државата, а наместо тоа, да го испрати вицепремиерот? – рече Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање за Изборниот законик, тој повтори дека доколку предлогот се задржел само на имплементацијата на препораките и сугестиите на ОБСЕ/ОДИХР, немало да има никаков проблем, ќе го поддржеле законот.
– Тоа е сè што бараме – да не се обидуваат да воведат механизам со кој изборите ќе може да се манипулираат – рече Филипче и додаде дека дијаспората и сега гласа според истите критериуми како што се гласа и во државата.
– Единствената разлика е што гласа во конзулатите и во амбасадите. Сега се предлага модел што отвора можност за злоупотреба. Зошто? Која е идејата? Која е целта? Како ќе се контролира електронското гласање или гласањето по пошта? Власта не предлага никаков контролен механизам – рече тој и додаде дека немаат проблем ниту со една изборна единица, ниту со тоа да се зголеми финансирањето на помалите партии.
Филипче посочи дека нивните ставови се јасни. „Немаме проблем со една изборна единица ниту, пак, имаме проблем со тоа да се зголеми финансирањето на помалите партии, дури и ако тоа значи намалување на средствата што ние ги добиваме од државата. Тоа го поддржуваме. Не може, меѓутоа, да има член што дозволува поинаков начин на гласање на дијаспората, кој отвора сомнеж за изборна кражба – додаде Филипче.
Фото: Принтскрин




