Министерот за здравство Венко Филипче кој до пред десетина дена заедно со премиерот Зоран Заев ја убедуваа јавноста дека е безбедно во овој период да се спроведе пописот на населението во Македонија, денеска истата јавност ја убедува дека се соочуваме со исклучително непредвидлив и подмолен вирус во третиот бран од пандемијата.

-Утрово имав редовна координација со директорите на клиниките, ковид – центрите во Скопје. Деновиве е намален бројот на хоспитализации во болниците, но подготвени се дополнителни капацитети во болниците како во Скопје, така и низ државата, објави денеска на својот фејсбук профил Филипче.

Справувањето со овој трет бран, кој е многу силен, посочува министерот, е исклучително тешко, не само кај нас, туку насекаде во Европа.

-Според епидемиолошките анализи, РО факторот е паднат под 1 и се надеваме дека ќе остане така. Остануваме претпазливи, вирусот е непредвидлив и подмолен, напиша Филипче.