Нешто што сигурно ќе се случи во однос на рестриктивните мерки е тоа што на 21 јануари, односно следната недела, кафулињата, рестораните и останатите угостителски објеќти ќе работа до 21 часот, изјави министерот за здравство Венко Филипче по денешната посета на Институтот за судска медицина.

Филипче рече дека во моментов во Македонија има стабилна епидемиолошка слика и  дека се намалува бројот на хоспитализираните пациенти. Сега нема пациенти на болничко лекување во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести.

Ваквата состојба, според Филипче, овозможува угостителските објекти да може да имаат продолжено работно време од три часа, односно да работат до 21 часот.

-Од 21 јануари сигурно е дека угостителските објекти ќе работат до 21 часот. Тоа е единствената мерка која ќе биде олабавена. Во меѓувреме ќе ја следиме состојбата и согласно тоа можеме да го разгледаме и нивното барање да работат до 23 часот. Но, се останато останува исто. На сила остануваат сите останати мерки, истакна министерот Филипче.