Кога се сака се сè може, да се вратат парите кај граѓаните, можело да има повисоки плати и просечна, и минимална, можело да има и повисоки пензии, истакна министерот за здравство Венко Филипче при гостувањето со партискиот карван во Пробиштип.
Се уште нема никакви официјални информации од истрагата за пожарот во тетовската болница во која настрадаа 14 лица, а Филипче на партински митинзи говори дека работат транспарентно.
– Работевме транспарентно, отворено, инвестиравме во проекти во интерес на граѓаните, насекаде низ државата, имаме и образ и можност да ја побараме повторно довербата, порача потпретседателот на СДСМ и министер за здравство Филипче кој го предводеше караванот „Најдоброто за мојата општина“ во Пробиштип.
Тој потенцира дека „кога се сака, се се може“.
-Кога се сака се сè може. Значи можеле да се вратат парите кај граѓаните, можело да има повисоки плати и просечна, и минимална, можело да има и повисоки пензии. Можело социјалната помош да се зголеми за 300 отсто. Можело да има оригинални лекови, можело да има оригинални инсулини, можело да има лекови за пациенти со малигни болести и со ретки болести. Можело да се дуплираат платите на лекарите специјалисти и да се даде платен стаж на младите лекари, за да не заминуваат во Германија. Можело! Ама, некој друг не го правел тоа и сега ВМРО-ДПМНЕ зборува за некаква визија за Македонија. За нив иднината е минатото во кое сакаат да се вратат за да може да функционираат само тие, а граѓаните да патат. Е па, нема да може. Сега граѓаните знаат како се работи одговорно и транспарентно, рече Филипче.