Пишува: Страшо АНГЕЛОВСКИ

Причини има премногу, но директен повод за денешниов текст е вандализмот во Струга со сквернавењето на спомен бистата на еден од најголемите македонски умови од втората половина на дваесеттиот век, големиот поет, еден од возобновувачите на современата идеја за независна, самостојна и суверена македонска држава преку создавањето на МААК и објавувањето на првиот пишан документ во 1990 година, Манифестот на МААК за независна, демилитаризирана и неутрална Македонија, човекот кој “и ѕвездите ги научи да шепотат на македонски“, Анте Поповски.

Вандализам кој ја прелеа чашата на трпението и претставува вистински предизвик да се положат картите на маса и да се отворат до крај. Да одиме по ред.

Антимакедонизмот за прв пат се пројавува пред повеќе од век и половина при раѓањето на соседните големодржавни концепти и идеи преточени во Санстефанскиот сон, мегали идејата, Призренската лига, јужнобановинската окупација и претставува движечка сила во Балканските војни, Првата и Втората светска војна. Целта на сите овие концепти е иста – негирање на македонскиот народ, македонската црква, македонската држава и воспоставување на сопствени големодржавни вештачки творби токму на територијата на Македонија.

За среќа, македонскиот народ, со силата на своето милениумско постоење, изградил одбрамбен механизам со кој успеа да ја зачува својата посебност и, конечно, во 1991 година да ја возобнови својата држава.

И, кога се чинеше дека постоењето на современата македонска држава  го порази антимакедонизмот и големодржавните соништа на соседите, со појавата на Зоран Заев на политичката сцена се создадоа услови за едно социолошко-културолошко, политичко и антицивилизациско движење – радикалниот антимакедонизам.

Најверојатно, после години или децении, овој феномен ќе биде цел на сеопфатни истражувања и од една временска дистанца ќе бидат дадени поконкретни објаснувања, но денес, феноменот на радикалниот антимакедонизам можеме најкусо да го објасниме со обединување на сите антимакедонски проекти, внатрешни и надворешни, под диригентската палка на Зоран Заев.

Па така, во едно силно движење против македонските национални интереси, Заев,заедно со антимакедонските дејци внатре во македонското општество, успеа да ги обедини – Атина со своето ирационално барање за бришење на името и античката историја на македонскиот народ и држава; Софија со своите тези за бугарскиот карактер на македонскиот јазик и македонската историја; Тирана и Приштина со тезата за создавање трета албанска држава на Балканот; Србија со непризнавањето на Македонската Православна Црква; балканските и светски криминалци со активности за осиромашување на државава; вандалите од светлото на рефлекторите и оние од темнината на ноќта во сквернавење на се’ македонско и демонтажа на националната држава на македонскиот народ; познати и непознати антимакедонски дејци, синови на црвената буржоазија, внуците на удба, заколнатите југоносталгичари… Така го создаде современиот Франкенштајн – радикалниот антимакедонизам.

Методите на делување на радикалниот антимакедонизам се веќе познати. Со појавата на Заев на политичката сцена и прислушуваните разговори што му беа штедро доставувани и толкувани од негова страна, се создаваше атмосфера на омраза кон се’ што е македонско – од спомениците на македонските дејци, преку традиционалната македонска култура и уметност, традиционалното македонско семејство, македонската полиција на која и се посакуваше “да и се деси Диво Насеље“, македонските бранители на чиј ден на погреб Заев се “селфираше“ со нивните убијци во Куманово… Беа ослободени и амнестирани криминалци од секаков вид како поддршка на антимакедонската власт што требаше да се инсталира; беа ветени отстапки на соседите до ниво на капитулација и, послушност пред меѓународната заедница до ниво на бесрамно коленичење.

Откако насилно и незаконски беше инсталиран на власт, Заев му даде ветар во грб на радикалниот антимакедонизам – ја поништи волјата на народот и го потпиша договорот со Атина; ја спроведе Тиранската платформа и воведе ирационална двојазичност на цела територија како вовед во федерализација; го прифаќа од Софија наметнатиот договор; преку криминалци од сопствените редови, но и криминалци од Балканот ја ограбува државата и го осиромашува македонскиот народ; преку вандали од светлото на рефлекторите , со демонтажа на споменикот на Ќосето, оградата пред Влада и галиите ( изградени со парите на даночните обврзници), започнува со демонтажа на државата, а преку вандалите од темнината на ноќта, кои остануваат неказнети, поттикнува сквернавење на македонските православни цркви и гробишта, на бистите на македонските великани; со двестагодишни казни за македонските бранители и ослободување на докажани терористи го крши македонскиот дух и достоинство; преку уништување на образовниот систем врши уништување на генерации млади македонци; преку уништување на здравствениот систем врши дури и физичко проретчување на македонскиот народ; преку уништување на правосудниот систем ја уништува довербата во државата; преку поништувањето на договорот за изградба на гасоводот кој пред неколку дена профункционира и гасот наместо преку Македонија, пристигна до Унгарија преку Бугарија и Србија, ја претвори Македонија во енергетски зависник и и одзеде милиони евра годишно од транзитот на гас; преку уништувањето на АРМ и безбедносниот систем дозволува контрола на странски армии на македонското небо и слободен пристап на македонската територија  на армија забранета со Резолуцијата 1244 на Обединетите Нации; преку пописот спроведен во лабораториите на Груби и Заев се врши промоција на две рамноправни, дури и по бројка блиски “етнички заедници“…

Последниве месеци сме сведоци на се’ погласно и поотворено антимакедонско делување на антимакедонските сили во државава и оние од надвор, здружени во радикалниот антимакедонизам, поддржан од САД заради реализација на сопствените интереси и од ЕУ заради политичка неукост, стерилност и поделеност во ставовите. Радикален антимакедонизам со една и единствена цел – непостоење на македонскиот народ и македонската држава.

Оние малку Македонци што останавме овде во Македонија, оние во окупираните делови и оние во иселеништвото, сме последниот бедем пред крвавиот танц на политичкиот Франкенштајн на Заев, радикалниот антимакедонизам. 17 октомври и локалните избори се денот кога на ова грозоморно прикрпено чудовиште треба да му се зададе првиот удар и да се најави неговата политичка смрт. Потоа, на вонредни парламентарни избори да се победи лабораторискиот Франкенштајн и да започне вистинската борба против радикалниот антимакедонизам.

Се’ друго ќе претставува крај за македонското постоење во крвавиот пир на лабораториското чудовиште, на заевиот Франкенштајн.

(авторот е претседател на МААК)