На вечерашната прес конференција, Венко Филипче по повод починатата жена од Куманово изјави дека ниту еден тест не бил 100 отсто сензитивен и тоа било документирано. Дополнително кажа дека за ова се консултирале со експерти.

Инаку, во случајот со жената од Куаново, таа развила тешки симптоми само еден ден откако бил направен втор тест, на 20 март, кој бил негативен, и истиот ден, на 21 март била примена во болница:

„На 19 март со нешто потежок наод на белите дробови, со индикација за рендген снимка констатирана е пневмонија и двајцата се сместени во Одделот за изолација. Тогаш и кај мајката и кај синот се земаат брисеви, материјал за корона тест. На 19 и на 20 март во два наврати се направени анализи на материјалот. На 19 март на двајцата и тие се негативни. А на 20 март се повторува тестот на мајката со оглед на тоа што тоа стои во препораките на СЗО ако негативен тест е во комбинација со потешка клиничка слика која може да укажува на постоење на болест предизвикана од коронавирус и тој повторен тест е негативен. На 21 март состојбата се влошува, направени се обиди за реанимација, меѓутоа, за жал, тие се без успех по што пациентката починала“, рече Филипче.

Значи, два теста, двата негативни и жената следниот ден умира. Според Филипче, не е спорно тоа што тестовите биле негативни зашто така било документирано. Но, Филипче не кажа каде е тоа документирано и со кој експерт кој утврдил дека може тестот за Ковид 19 да е негативен, а тестираниот да е носител, разговарал.

Имено, постојат болести кај кои тестовите може да се негативни, а сепак тестираниот да има дијагноза. Но, тоа се други болести. Тоа што Филипче одбегна да каже е дали тие тестови за кои зборува дека не се 100 отсто сензитивни се однесуваат токму на тестовите за Ковид 19, во колку случаи такво нешто било утврдено, каде е тоа објавено и со кој експерт во врска со овој проблем разговарле. Со што ги одбегна деталите, нешто што овие денови за Филипче може да се каже и не е новост.

Инаку, ако е точно дека тестовите за Ковид 19 не се 100 отсто сигурни, тогаш, тоа значи дека од 900 или 1 000 тестирани во Македонија, и со 140-тина позитивни резултати, теориски и практично е можно да имаме 800-тини лица кои слободно шетаат (не се во изолација), немаат симптоми (само 20 отсто развиваат симптоми), а сепак се носители на вирусот. Каква бомба е тоа, веројатно не треба да ви објаснуваме.