Изутрината имавме заеднички состанок на Комисијата за заразни болести со претставници на МОН, присуствуваше и министерот Арбер Адеми. Апсолутно Комисијата за заразни болести смета дека е огромен ризик по здравјето и на учениците, нивните родителите и на вработените во училиштата доколку училиштата целосно се отворат и да функционираат од почетокот на септември, изјави попладнево министерот за здравство Венко Филипче.
Тој во изјава за ТВ Сител посочи дека има многу примери од различни земји во светот, кога по отворањето на училиштата заради очигледно неминовното зголемување на бројот на заразени, училиштата повторно беа затворени.
„Очигледно дека такво сценарио е можно и кај нас доколку целосно училиштата се отворат. Свесни сме дека ова е еден голем предизвик, дека нема идеално решение. Ја следиме дебатата во јавноста. Секоја од групите има некои свои аргументи, меѓутоа ние како Министерство за здравство апсолутно ставаме приоритет на заштита на здравјето на граѓаните, вклучително и на децата кои треба да тргнат на училиште“, рече Филипче.
Тој вели дека имаат нивни сознанија, согледувања, анализи кои ги правеле, а од страна на МОН ги доставиле протоколите врз основа на кои би требало училиштата да функционираат. Посочи дека има многу протоколи, но тие, како што рече, не се почитуваат и едноставно таму каде не се почитуваат протоколите може да биде потенцијален извор на зараза.
Се осврна на целокупниот образовен процес, како функионирањето во училиштата, заеднички простории, заеднички тоалети, одморите како интеракцијата меѓу децата, иако би биле во помал број, според Филипче, е своевиден ризик на трансмисија на вирусот. Најави дека утре ќе имаат завршен состанок, по што би требало да биде закажана седница на Влада и да се донесе дефинитивна одлука.
Филипче смета дека добро се менаџира здравствениот систем, во смисла на слободни болнички кревети. Информира дека континуирано и постепено се намалува бројот на пациенти, а опаѓа и бројот на хоспитализирани пациенти. Има предвидени капацитети во болницата во Козле и сега, иако таму се лечат и возрасни заболени од ковид-19, и по потреба на Педијатриската клиника некои одредени делови би биле наменети за тоа, иако, како што рече, би сакал да нема потреба од тоа. Додаде дека не само децата се во ризик, туку и нивните родители, некои од нив се и со хронични болести, и затоа нивните насоки се сепак да се стави акцент на онлајн настава.
„Сега навистина имаме една тешка одлука која треба да ја донесеме. Нема идеално решение. Мора да се заштити јавното здравје, а во исто време мора да се обезбеди и функционален едукативен процес многу битен за развојот на детето“, потенцира Филипче.
За есенскиот период, вели дека ниту една земја во светот не знае како ќе биде. Посочи дека епидемијата нема да трае вечно и апелираше сите да бидат трпеливи.
Прашан за градинките, Филипче рече дека засега нема одлука за нивно отворање. Информира дека денеска имале заеднички состанок со претставници од МТСП, протоколите за работа на градинките се изготвени уште пред неколку месеци, а сега се ажурира бројот на новозапишани деца или на оние што сега треба да тргнат во училиште и врз основа на таа анализа ќе се направи соодветна одлука.
За руската вакцина против Ковид-19, Филипче рече дека се уште немаат доволно податоци за неа и се уште е рано за да заземат став.