За десетина дена ќе бидеме една од ретките земји во Европа во која ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници кои работат со ковид пациенти, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

– Утрешниот почеток на имунизацијата е почеток на последната фаза во борбата со пандемијата. Вакцинацијата ја почнуваме со медицинските работници од Инфективна клиника, ГОБ 8 Септември и болницата во Козле. Целосно сме подготвени за овој процес. За 10-тина дена ќе бидеме една од ретките земји во Европа во која ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници кои работат со ковид пациенти, согласно нашиот план. Во текот на следната недела ги очекуваме и другите количини на вакцини од Србија, а кон крајот на месецот треба да пристигнат и кинеските вакцини, објави Филипче на Фејсбук.

Малку збунувачки е овој „европски рекорд“ на Филипче. Особено ако се има предвид дека имаме само фрижидер за вакцини и Македонија е една од ретките, ако не и единствената земја во Европа, во која не е почната вакцинацијата и која нема обезбедено вакцини. Освен, се разбира, тој еден пакет од 4.680 дози подарени од Србија. Зарем во другите земји во Европа не го вакцинираат својот здравствен персонал што работи со ковид пациенти?!