Епидемиолошката состојба во земјава бележи зголемување на новодијагностицирани со Ковид-19 почнувајќи во периодот од пред две недели.

Анализите покажуваат дека процентот на новодијагностицирани случаи и минатата во однос на претходната недела е зголемен за 25 проценти. Расте и Р0 факторот на преносливост од 1,05 на 1,14, што е јасен индикатор дека сега ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка состојба што ја имавме во претходниот долг временски период.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во однос на инциденцата на ниво на целата држава, последните две недели во однос на претходните 14 дена е зголемена за 28,5 проценти во 35 градови, а во други седум е непроменета или има одредено намалување. Ваквиот раст, посочи министерот, е очекуван, имајќи предвид што се случува во земјите од регионот каде има огромен број новодијагностицирани и силен притисок кон болниците во смисла на зголемена потреба за хоспитализација.

– До крајот на оваа недела или најдоцна на почетокот на следната недела ќе заврши постапката за секвенционирање на вирусот за да видиме каква мутација е сега доминантна и за тоа денеска разговаравме со директорот на Институтот за јавно здравје, рече Филипче.

Во однос на хоспитализација, тој потенцира дека бројот на пациенти кои се хоспитализирани минатата недела во однос на претходната недела бележи раст за 15 проценти.

– Сега се хоспитализирани 518 пациенти. Добро е што нема голем притисок во смисла на голем број прегледи и нагол пораст на бројот на пациенти кои доаѓаат за преглед и имаат индикација за хоспитализација. На Инфективната клиника просекот на прегледи не е значајно зголемен, некаде 60 до 80 пациенти се јавуваат во текот на 24 часа и бараат преглед, а се дијагностицирани како ковид пациенти. Нашата анализа укажа на тоа дека процентот на хоспитализирани случаи во однос на вкупниот број дијагностицирани ако се споредат претходните бранови е намален и ако тогаш бројот на хоспитализирани беше 10 проценти од вкупниот број новодијагностицирани, сега е 6,4 проценти од 8000 активни случаи, 518 се хоспитализирани, истакна Филипче.

Во врска со вакцинацијата, тој рече дека досега во државата се аплицирани над 1,6 милиони дози вакцини, прва доза примиле 810 000 граѓани, околу 8000 се пријавиле дека се вакцинирале во странство, ревакцинирани се над 780 000 граѓани, а трета доза примиле 46 000 граѓани.

– Околу 5.000 деца на возраст од 12 до 18 години се вакцинирани. Во однос на процентуалниот опфат 57 проценти од граѓаните над 40 години примиле барем една вакцина, 48 проценети од популацијата над 18 години примиле барем една вакцина, 46 проценти се ревакцинирани, а 13 проценти од вакцинираните над 60-годишна возраст примиле трета доза вакцина. Околу 44 проценти од вкупното население е опфатот на вакцинација во нашата земја. За жал во делот на вакцинацијата имаме стагнација. Апелирам дека граѓаните мора да се свесни дека ова е единствениот начин да се излезе од оваа криза, единствениот ефикасен метод за заштита од вирусот, вакцини има сосема доволно, додаде Филипче.