– Мора да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измените на Кривичниот законик. Сметам дека треба да продолжиме по патот на реформи во правосудството со поддршка на меѓународната заедница. Подготвен е нов кривичен законик, кој е почнат во 2017 година со министерката Рената Десковска. Тој е готов, завршен. Новиот кривичен законик е направен целосно во координација со меѓународни институции по теркот на кривичниот закон на Германија и сметам дека што поскоро треба да биде на јавна расправа, да го разгледаат експерти, да го кажат своето мислење, да се вклучи стручната фела и со консензус да донесеме нов кривичен законик како што доликува. Не е доволно да кажеме дека сме згрешиле што сме донеле таков закон. Еве, одиме чекор понатаму, таа грешка да ја исправиме на овој начин – рече Филипче.
На новинарско прашање зошто на сила ги туркале измените на Кривичниот, и покрај жестоките реакции на јавноста и како увиделе дека згрешиле, лидерот на СДСМ рече дека пораката ја добиле од граѓаните на изборите, но и од реакциите на граѓаните и на стручната фела.
– Јас од март сум во кампања и не е чесно да затворите очи и уши и тоа да не го слушнете. Предлагам сосема солидно решение, да продолжиме со соработка со меѓународните институции кои нè поддржуваат во реформата на судството. Кога веќе сме се соочиле со критики, не би затворил очи пред критика ако е издржана, тоа е мојот начин на водење политика. Како нов претседател на партијата сакам да иницирам нови работи – рече Филипче.
За новиот Кривичен законик тој не разговарал со премиерот Мицкоски, ниту со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече, повикот законот да се стави на јавна расправа е прва иницијатива и одговорот ќе ги дефинира нивните следни чекори.