Новинарот Ромен Молина објави сериозни обвинувања за наводни финансиски злоупотреби во Аргентинската фудбалска федерација поврзани со парите заработени по освојувањето на СП во Катар во 2022 година.

Според информациите што ги изнесе Молина, повеќе од 42 милиони евра од вкупно околу 300 милиони евра, колку што Аргентина наводно инкасирала по освојувањето на светската титула, биле префрлени на сметки на фиктивни компании.

Сомнежи предизвикуваат и договорот што, според тврдењата на новинарот, бил потпишан само девет дена пред финалето против Франција.

Со него, раководството на сојузот се обврзало 30 проценти од приходите од Светското првенство да ѝ ги отстапи на компанијата „TourProdEnter“.

Најсериозниот дел од обвинувањата се однесува и на ФИФА. Според документите до кои дошол новинарот, средствата наводно биле префрлени директно на сметката на спорната компанија, наместо на официјалните сметки на Аргентинската фудбалска федерација.

Доколку овие тврдења се покажат како точни, случајот би можел да предизвика сериозни последици за претседателот, Клаудио „Чики“ Тапија.

Засега нема официјална реакција од Аргентинската фудбалска федерација или од ФИФА во врска со објавените наводи.