Финска и Шведска се се поблиску до одлуката за најверојатна нивна кандидатура за членство во НАТО, а официјалната објава на таквата одлука се очекува наредните денови, потврди синоќа финската страна.
На нешто помалку од три месеци од почетокот на војната во Украина, двете балтички држави соочени со руска закана се наоѓаат пред вратите на западната воена алијанса, во потрага по безбедносна заштита, особено од САД, пишуваат француските медиуми.
– Речиси стопроценти е сигурно дека Финска ќе биде кандидат за членство и најверојатно членка на НАТО до крајот на годината, ја пренесува Бета изјавата на Чарли Салониус-Пастернак од Финскиот институт за меѓународни односи.
Војната во Украина целосно го промени јавното мислење во Финска и во Шведска, што инаку беше доста поделено до пред руската интервенција. Според анкетата на финската телевизија „Иле“, 76 отсто од Финците го поддржуваат членството на земјата во НАТО. Последните неколку години поддршка на членството во НАТО даваа само 20 до 30 од нив.
Во Шведска владејачките социјалдемократи, чие зелено светло за прием во НАТО ќе обезбеди јасно мнозинство во Парламентот, најавија дека својата одлука ќе ја објават в недела.
Иако Стокхолм изгледа повнимателен од Хелсинки по прашањето, Елизабет Брау, воен експерт за нордиските земји во Американскиот институт за претприемништво (AEI), верува дека Шведска најверојатно ќе ја донесе одлуката заедно со Финска.
Финскиот претседател Саули Ниинисто најави дека утре ќе го соопшти својот став по прашањето, додека премиерката Сана Марин тоа ќе го стори најдоцна до сабота.
Весникот „Илталехти“ пишува дека Комитетот составен од две гранки на финската извршна власт како и министри, треба да се состане в недела за да донесе конечна одлука.
Пристапувањето на Финска ќе ја удвои копнената граница меѓу НАТО и Русија, на околу 2.600 километри.
Официјална Москва предупреди на политички и воени последици од тој чин, вклучително и распоредувањето нуклеарно оружје на крајбрежјето на Балтичкото Море.
Идната седмица Финска и Шведска ќе одржат годишни воени вежби во Готланд, шведски остров стратешки лоциран во средината на Балтикот.
Со 12 илјади професионални војници и 21 илјада регрути и армија што би ги собрала 280 илјади луѓе под опружје во случај на војна, како и моќна артилерија и 60 борбени авиони, Финска е моќна воена сила за држава со само 5,5 милиони жители.
Шведска има модерна армија што ги исполнува стандардите на НАТО и развиена воена индустрија и врвна воена техника.