Финска ќе ја продолжи мерката за затворање барови и ресторани до 18 април за да се бори против ширењето на коронавирусот, објави Владата доцна синоќа, додавајќи дека ќе ја предложи мерката до Парламентот.

Баровите и рестораните се затворени за посетители, но можат да служат храна надвор, како дел од тринеделното затворање што требаше да заврши на 28 март. Планираното продолжување, резултат на преговорите меѓу партиите во финската Влада, треба да добие одобрение од Парламентот.

„Четири региони ќе бидат исклучени од ограничувањето поради нивната подобра епидемиолошка состојба“, се вели во соопштението на Владата.

Иако е меѓу земјите кои се најмалку погодени од пандемијата, Финска има зголемување на дневните случаи на инфекција од почетокот на февруари и во моментов има повеќе луѓе во болниците отколку во кој било друг период на пандемијата.Според финскиот Институт за здравство, земјата со 5,5 милиони жители има 72.073 заразени од почетокот на пандемијата, 808 починале, а во моментов 306 лица се во болница поради Ковид-19.