Украина може да го користи оружјето што го обезбеди Финска за да гаѓа цели на руска територија, соопштија високи претставници во Хелсинки.
Финскиот министер за одбрана, Анти Хаканен, кажа дека неговата земја не поставила никакви ограничувања за тоа што Украина може да направи со оружјето што го дава Финска, објави финската телевизија Иле.
-Доколку е потребно, Украина треба да нападне и воени цели на руската страна. Тоа е сосема легитимна одбранбена битка што ја води Украина. Повелбата на ОН дозволува воени цели да бидат нападнати преку копнените граници, рече претседателот на парламентарната комисија за одбрана на Финска, Јука Копра.
Политико пишува дека позицијата на Финска се разликува од онаа на другите западни земји, вклучително и на Германија, и укажува дека германскиот канцелар Олаф Шолц не ја одобрува испораката на крстосувачки ракети со долг дострел „Таурус“ во Украина, плашејќи се дека оружјето ќе биде употребено за напад на цели длабоко во Русија и со тоа ќе ја вовлече Германија во војна со Русија.
-Ја охрабрувам Германија сериозно да размисли за тоа, рече Хакенен.
фото:МИА архива