Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го поздрави договорот постигнат во Вашингтон меѓу Израел и Либан, нарекувајќи го „одлучувачки“ чекор кон намалување на тензиите во регионот.

„Го поздравувам договорот меѓу Израел и Либан. Ова е одлучувачки чекор кон намалување на тензиите. Не може да има мир на Блискиот Исток додека Либан гори“, објави таа на Х, заблагодарувајќи му се на Вашингтон за неговата посредничка улога.

„Најважните следни чекори се разоружувањето на недржавните организации и гаранцијата за суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан“, наведува Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК додаде дека „Европската унија е подготвена да помогне на патот кон трајна стабилизација на регионот, вклучително и преку континуитет на снабдувањето со итно потребна хуманитарна помош. За таа цел, Унијата обезбеди 100 милиони евра за поддршка на раселените лица“.

Повеќе од еден милион Либанци се раселени поради борбите меѓу Израел и проиранското шиитско движење Хезболах.