Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и вети поддршка на Литванија, земјата која се соочува со зголемен приток на илегални имигранти, претежно Ирачани, преку заедничката граница со Белорусија долга 679 километри.
Владата на Литванија прогласи вонредна состојба откако 150 лица илегално ја преминаа границата за 24 часа, повеќе отколку што во земјата влегуваат секоја година во последните три години.
Половината од 822-та мигранти кои пристигнале во Литванија во текот на годината се од Ирак, но има и од Иран, Сирија, Гвинеја, Турција и Шри Ланка.
-Овде гледаме политички мотивиран терк. Европската комисија и ЕУ е со вас во овие тешки времиња, рече Фон дер Лајен во Вилнус, на заедничката прес-конференција со литванскиот претседател и премиерката на оваа поранешна советска република, сега членка на ЕУ и НАТО.
„Едно е сигурно: вашите грижи и проблеми се европски проблеми. Сакав да истакнам дека ние сме навистина со вас во овие тешки времиња“, додаде шефицата на ЕК.
Комисијата може да и даде пристап на Литванија до фондот за итни случаи за следење на ситуацијата и да испрати офицери од Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на ЕУ, Фронтекс, за засилување на патролите.
Литванската премиерка во средината на јуни кажа дека верува оти Белорусија стои зад зголемувањето на илегалната имиграција, по заканите од белорускиот претседател Александар Лукашенко дека повеќе нема да ги спречува мигрантите да ја преминуваат западната граница.
Литванскиот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, денеска изјави дека не успеал да стапи во контакт со белоруските власти за да разговара за ова прашање.
Тој има намера да патува во Ирак и Турција за да разговара како да се спречи илегалната миграција. Тој верува дека мигрантите летаат директно од Багдад и Истанбул кон Минск, од каде потоа се упатуваат кон Литванија.
Тој предупреди дека овие мигранти нема да можат да добијат политички азил и повеќето од нив ќе мора да ја напуштат Литванија.