Шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, им оддаде почит на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на украинскиот народ при доделувањето на наградата Карло Велики за нивните напори да се спротивстават на руската инвазија врз нивната земја.

– Тие буквално се борат за слобода, хуманост и мир, рече фон дер Лајен за време на церемонијата на доделување на наградата во западниот германски град Ахен.

Со својата крв и својот живот, тие ја обезбедуваа иднината на своите, но и на другите европски деца, изјави првата жена на ЕУ.

Фон дер Лајен се потсети и на нејзиното прво патување во Украина по почетокот на војната лани.

– Ги видов масовните гробници до црквата, вреќите со тела лежат блиску една до друга, рече таа мислејќи на нејзината посета на киевското предградие Буча, кое беше окупирано од руските војници во пролетта 2022 година.

– Никогаш нема да ја заборавам сликата на безбројните свеќи кои ги претставуваат животите на татко, мајка, син, ќерка, брат или сестра, бесмислено изгаснати, нагласи таа.