Во својот годишен говор за состојбата на Европската Унија, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен нагласи дека отворањето на преговорите со Македонија и Албанија претставуваат историска одлука, јави дописничката на МИА од Брисел.

Оваа одлука таа ја поврза со односите помеѓу ЕУ и Кина, алудирајќи на патот на свилата, големиот кинески економски проект кој поминува низ балканскиот регион.

-Одлуката за отворање на преговорите со Албанија и С. Македонија годинава беше историски чекор, иднината на целиот регион припаѓа во ЕУ, делиме иста историја и иста судбина, западниот Балкан е дел од Европа, тие не се етапа на патот на свилата, изјави Урсула фон дер Лајен.

Таа потврди дека во текот на наредните недели Европската Комисија ќе презентира нов пакет за економско закрепнување за целокупниот регион.

Според информациите на МИА се очекува Европската Комисија да одвои околу девет милијарди евра за регионалниот развој на западниот Балкан, пред сѐ во делот на инфраструктурни проекти и поврзување на земјите од регионот меѓу себе.

Извештајот за реформскиот напредок за Македонија и на другите земји од регионот, познат како Пакетот за проширување, треба да биде објавен на 6 октомври, според изворите на МИА во ЕК.

Германското претседателство очекува во ноември земјите членки да дадат зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со Скопје и Тирана, односно ефективното отворање на првите поглавја на преговорите со ЕУ.