Утре почнуваат Божикните пости пред Рождеството Христово – Божик, а вредните раце на монасите од Бигорскиот манастир веќе ги подготвија годинашните Божикни пештери.

– И оваа година, покрај големите ангажмани околу подготовката на претстојниот јубилеј „1000 години Бигорски манастир“, нашето сестринство со благослов на својот старец, архимандрит Партениј, се погрижи да изготви Божикни пештери и така да одговори на сè позасилениот интерес на верниците за вакви божикни украси, објавуваат на својата веб страница од Бигорски манастир.

Пештерите, како што се појаснува, се направени од различни прикладни материјали, уникатно украсени и збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандилце и претставуваат прекрасно надополнување на Божикното дрвце, во духот на нашата православна традиција.