Можеби ова не е за Рипли или за во Гинисовата книга на рекорди, но секако е неофицијален македонски рекорд.
Пратка низ Скопје, со Македонска пошта, се движела со околу еден метар на час и од испраќачот до примачот, кои се оддалечени нецел половина километар, односно околу 500 метри, патувала цели 480 часа односно 20 дена.
– На 10 септември е испратено известување на моја адреса дека на 17 септември ми истекува регистрацијата на возилото. Известувањето е од Станицата за технички преглед, која се наоѓа на нецел половина километар од мојот стан. Пратката ја добив дури денеска, на 30 септември 2020 година на пладне, вели скопјанецот Д.П. кој живее во скопската населба Ново Лисиче.
Чудесна е нашата пошта, се шегува граѓанинот:
– Во Пошта брзо пламнуваше пожар, молскавично беше нападнато и ограбено комбе со пари, брзо се множат загубите… Само пратките долго патуваат или пак никогаш не стигнуваат до примачот, како што се жалат многу граѓани, додава тој.
Некогаш се рецитираше: И да врне, и да вее, и бура да коси… А сега, без бура и со септемвриско сонце пратката од булевар „Србија“ до булевар „В.С.Бато“, во истата населба, кои се вкрстуваат, Пошта ја носеше 20 дена од испраќачот до примачот.
(М.П.)