Еден месец по формирањето на Работниот тим (Task Force) за сузбивање на недозволената трговија со дрога, Министерството за внатрешни работи бележи значајни резултати во борбата против организираниот нарко-криминал. Засилената координација, побрзата размена на информации и заедничкото дејствување на организациските единици овозможија поефикасно откривање и сузбивање на криминалните структури кои се занимаваат со недозволена трговија со дрога, соопштува МВР.
Во изминатиот месец беа реализирани повеќе координирани акции низ целата држава, насочени кон откривање на дилерски мрежи, прекинување на каналите за снабдување и спречување на понатамошна дистрибуција на наркотични дроги. Меѓу позначајните акции е пресечениот меѓународен транспорт на околу 25 килограми марихуана на Граничен премин „Деве Баир“.

Како резултат на преземените мерки и активности, запленети се 43,3 килограми марихуана, 693,37 грама кокаин, 141,42 грама хашиш, 691,34 грама амфетамин, 50 грама халуциногени печурки, 541 таблета екстази, 69 ЛСД таблети, 14 таблети МДМА, како и 116 паковки со растителна, прашкаста и грутчеста материја, за кои се вршат соодветни вештачења.
Во истиот период поднесена е 21 кривична пријава против 29 лица, извршен е 131 претрес на домови и други простории, реализирани се 935 прегледи на возила и 1.078 прегледи на лица, а 241 лице се приведени или лишени од слобода по различни основи поврзани со недозволената трговија со дрога.


Особено значајни се резултатите постигнати на подрачјето на СВР Скопје, каде при извршените претреси, покрај наркотичните дроги, се пронајдени и одземени 2.900 евра, 100 швајцарски франци, 58.000 денари во различни апоени, два пиштоли и шест дигитални ваги. Овие предмети упатуваат на организирано вршење на кривичните дела и претставуваат значајни материјални докази во натамошните кривични постапки.

Во рамките на активностите на Работниот тим успешно е реализирана и потрагата по 41-годишно лице од Кочани по кое беше распишана меѓународна потерница. Лицето претходно избега од полициска станица, каде беше лишено од слобода поради основано сомнение за недозволена трговија со дрога, а неговото пронаоѓање и повторно лишување од слобода претставува уште една потврда за ефикасното постапување на полициските служби и доследното спроведување на законската одговорност.

Министерството за внатрешни работи останува цврсто определено во бескомпромисната борба против недозволената трговија со дрога. Во наредниот период активностите на Работниот тим ќе продолжат со уште поголем интензитет, преку засилени контроли, координирани акции, финансиски истраги и меѓународна полициска соработка.




