Капките вода чуваат тајни во Арамиска пештера, една по една, ја создаваат уметноста на природата. Прекрасни украси и извонредна музика. МИА го имаше задоволството да ужива во прегратките на тоа камено царство во кое времето како да застанува, а проблемите како за миг да исчезнуваат. Убаво е да се почувствува тој допир на вечноста.

Бумбарот и стравот од неизвесноста

Тиквешијата е позната по бројните природни богатства. По три региони за спелеолошки објекти, околу 34 мистериозни пештери се распослани околу Тиквешкото Езеро, во близина на селото Мрежичко, во атарот на селото Гарниково и делот на реката Каменица, десна притока на Црна Река. Бев дел од спелеолошката експедиција која ја посети Арамиска пештера, една од десетината спелеолошки објекти во гарниковската околина. Од градот Кавадарци е оддалечена околу 12 километри. Организатор на несекојдневното дружење беше планинарско спортското друштво „Орле” од Кавадарци. Во групата имаше повозрасни, искусни планинари и мајстори за спелеологија, млади спелеолози од кои некои прв пат влегоа во пештера, љубители на природата од сите возрасти.

– Станува збор за една пештера која е карактеристична со пештерски украси, сталактити и сталагмити. Во еден дел е сè уште активна, постојано преку украсите капат капки вода и дополнително ги оформуваат и надградуваат, информира Никола Минчоров, претседател на „Орле”.

Благој Лазов-Бенџо е искусен планинар и спелеолог како и Минчоров. Тој се потсети дека уште многу одамна кога прв пат дошол тука, се интересирал околу името на пештерата.

– Постарите мештани од околните села, кои тогаш беа живи, кажуваа дека во близината на оваа месност Црквиште, во минатото, требало да се гради некој манастир. Караванот со пари за манастирот кога се лоцирал на местото, дошле арамии и го опљачкале. По пљачката, се сокриле во пештерата, која оттогаш ја завикале Арамиска, ми раскажа Лазов.

Тоа е легендата што ја слушнал. Тој сподели и една анегдота поврзана со пештерата, од неговата младост.

– Имаме бројни интересни дешавки низ годините, поврзани со ова место во близина на пештерата, викано Црквиште, но и со пошироката околина. Бев многу млад, дојдовме во близина на пештерата, одевме пешки цел ден дотука. Логорувавме во близина на Арамиска. Вечерта ни се деси една, за тогаш, многу незгодна ситуација. Направивме една колиба од гранки и лисја и легнавме да спиеме внатре. Се смиривме и одеднаш нешто почна да тропа. Еден од нас рече, еј, коњска кола некоја иде тука. Друг рече, тука нема пат, бе, кај коњска кола. Па, се замисливме малце сите. Се подисплашивме малце. Па скоро цела ноќ не спиевме. Едно време некому му текна и вика, а бе, чекај бе, вика еден бумбар го затворивме во една кутија за да не ни смета. Кога го извадивме, сфативме дека он цело време ни тропал, а ние млади и исплашени, па дури мислевме и дека коњска кола е, евоцираше тој спомени.

Арамиска пештера, за жал, ги мами и арамиите

Задоволство е да се слушаат како раскажуваат искусните планинари и спелеолози од планинарското спортско друштво, кое има шестдецениска традиција. Со нив никогаш не е досадно, а секогаш интересно и со чувство на безбедност.

Од нив дознав дека, за жал, пештерата не е примамлива само за љубителите на природата и нејзините богатства, за уживање со сите сетила, туку и за златоманите.

– Уште кога се работеше археолошката карта на Тиквешијата во минатото, во оваа пештера беа пронајдени многу костури од некое минато време. Една глава од костур беше испратена на испитување во Виена, па вратена во пештерата. Дојде и белградски археолог за да види еден од костурите. Според информациите што тогаш ги добивме, се сметаше дека костурот бил стар околу четири до седум илјади години. Гледате ли како се поставени сите тие костури, сите лежат на грбот, рече археологот. Според него, се работело за некоја некропола тука. Тој додаде дека во околината најверојатно има траги од некоја населба од минатото. Негово мислење беше дека во пештерата најверојатно имало некој ритуал при погребување, откри Лазов за МИА.

Дека има верувања оти во пештерата некогаш се погребувале или се криеле луѓе, ми кажа и Минчоров.

– Низ годините како спелеолози, сме наишле на неколку човечки костури од некои минати времиња, залиени со бигор. За жал, нивното постоење ги привлекува трагачите по скриени богатства. Ете и денес видовме дека има искршено дел од костур, од страна на некои несовесни кои верувале дека во пештерата ќе пронајдат нешто вредно. Вредно тука има, да, ама од историски и спелеолошки аспект, дециден беше Минчоров.

Тој потсети дека на ниво на држава, Спелеолошката федерација низ годините правела кампања за заштита на спелеолошките објекти. На многу места биле направени едукативни предавања за заштита на спелеолошкото наследство кое треба да се чува, за во него да може да уживаат и идните генерации.

– Но, не се сите луѓе совесни. Сè уште има такви кои ги злоупотребуваат спелеолошките објекти, ги прекопуваат, што се вели. Понесени од верувањата дека пештерата го добила името по тоа што во неа свовремено арамиите го делеле пленот, златомани и денес веруваат дека таму има сокриено огромно богатство, па пребаруваат, трагајќи по златото. Арамиите кога влегуваат во пештерата не внимаваат на прекрасните природни украси и ги уништуват, не знаејќи дека притоа кршат уметнички дела, кои природата ги создавала со години наназад. За да се направи еден таков украс, потребни се години и години, а трагачите по богатство безобзирно ги уништуваат за само еден миг, алармираше Минчоров.

Светлана Дарудова за МИА