Франција изрази надеж за реформа на миграциската политика на Европската унија (ЕУ), залагајќи се за зајакнување на надворешните граници и за задолжителната солидарност меѓу земјите-членки кога станува збор за прифатот на азилантите.
Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, по вчерашната средба на европските министри за внатрешни работи во Лил, на северот од Франција, го поздрави, како што рече, новиот поттик во дискусиите за Европскиот пакт за миграција и азил.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја претседава со Унијата во првата половина на 2022 година, пред два дена ја наведе рефопрмата на Шенген зоната како еден од приоритетите на своето претседателство, повикувајќи на поголема ефикасност против нерегуларната миграција.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен вчера изјави дека е поддржан предлогот на Макрон за формирање политички управен совет за Шенген, а првиот состанок на овој совет би можел да се одржи на 3 март, кога министрите за внатрешни работи треба повторно да се состанат.
Франција се залага и за подобра контрола на надворешните граници и зајакнат механизам за пристап со цел земјите-членки да го прифатат принципот на задолжителна солидарност со земјите од ЕУ кои географски се на првата линија за пристигнување на мигранти, како што се Италија и Малта.
Идејата е со овие контроли да се има помал миграциски притисок а со тоа и помалку бегалци кои треба да бидат прифатени меѓу земјите кои би биле подготвени да ги пречекаат, рече Дарманен на прес-конференција на крајот од средбата во Лил.