Француските пожарникари продолжија да се борат со неколку големи пожари по должината на атлантскиот брег и на југот од земјата, додека претседателот Емануел Макрон изјави дека европските партнери испраќаат авиони и хеликоптери за да ги поддржат напорите.
„Ситуацијата останува под многу висока тензија поради пожарите што ја уништуваат земјата, особено во Жиронда“, наведе Макрон утрово на Икс, осврнувајќи се на регионот во близина на Бордо.
Тој, пренесува ДПА, наведе дека Франција побарала активирање на механизмот за цивилна заштита на Европската Унија и дека ќе добие поддршка од Хрватска, Португалија, Чешка и Словачка.
Најсериозен е пожарот во близина на Бордо, популарен туристички регион, каде од пред два дена се евакуирани околу 20.000 луѓе од камповите и одморалиштата. Кога ќе можат да се вратат, останува нејасно, пренесува германската агенција.
До синоќа пожарот се прошири на 4.800 хектари, соопшти префектурата Бордо, додавајќи дека ситуацијата останува тешка бидејќи пламените јазици се сè уште многу активни. Ангажирани се околу 800 пожарникари, 260 возила, пет авиони за водени бомби и еден хеликоптер. Еден пожарникар е повреден, но не се пријавени други сериозни повреди.
Претходно неделава, двајца пожарникари загинаа додека се бореа со пожар во близина на аеродромот во Бордо.
И денеска во овој регион се очекуваат температури до 39 степени Целзиусови.
Уште еден пожар во близина на атлантскиот брег јужно од Бордо, уништи 1.200 хектари откако се запали комбе за достава и пламенот се прошири на вегетацијата. Околу 5.000 луѓе беа евакуирани.
Во јужна Франција, пожар во близина на Понтевес, североисточно од Марсеј, исто така повторно се разгоре. Околу 500 жители беа евакуирани како мерка на претпазливост, додека околу 800 пожарникари поддржани од повеќе од 100 војници се бореа со пожарот.
Француското Министерство за одбрана соопшти дека подготвува воен транспортен авион Ербас А400М за операции за гаснење пожари, при што авионот може да испушти 20 тони вода и се очекува да биде готов во рок од 10 дена, потсетува ДПА.




