За време на масовните протести во Франција повредени се 11 лица, а уапсени се 412 демонстранти, соопшти денеска француската полиција.

Францускиот претседател Емануел Макрон одржа вонреден состанок со премиерот Едуард Филип и министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер и вети дека оние кои учествувале во ширењето на насилството и предизвикале штети, ќе одговараат.

Протестите против покачувањето на цените на горивото и даноците вчера во Париз се претворија во хаос.

Активисти од „жолтите елеци“ палеа автомобили, кршеа прозорци, ограбуваа продавници, фрлаа камења врз полицијата и цртаа графити на Триумфалната капија.

Француската полиција употреби солзавец и водени топови врз демонстрантите и затвори десетина улици и метро-станици.

Француските медиуми јавуваат дека меѓу повредените има најмалку 23 полицајци.

Портпаролот на француската Влада Бенџамин Гриво изјави дека Франција размислува да воведе вонредна состојба со цел да се спречи нов хаос.

Во Париз вчера, трет викенд по ред, избија судири меѓу демонстрантите и полицијата за време на протестите на „жолтите елеци“ поради зголемувањето на цените на горивото.