Обрнете внимание на Оскарите в недела на Атиџе Муратова. Не можете да ја промашите. Таа ќе биде единствената македонско-турска гостинка облечена традиционално меѓу ѕвездената публика во театарот Долби во Холивуд.

Вака агенцијата Франс-прес го почнува текстот посветен на македонскиот филм „Медена земја“, кој ќе се бори за Оскар во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм.

Додека „Медена земја“ – вистинска приказна за пчеларката, не освои рекордни три награди на филмскиот фестивал „Санденс“, Атиџе живееше во мала куќа од кал и камења, без струја и вода во дивините на Македонија, пишува агенцијата, претставувајќи го филмот и главната хероина во него.

„Сара Џесика Паркер беше многу возбудена што ја сретна откако го гледала филмот“, вели продуцентот на „Медена земја“ Атанас Георгиев за Франс-прес.

Живеејќи среќно 56 години без телевизија, Атиџе не знаела за „Сексот и градот“, иако великодушно ѝ ја предвидела иднината на холивудската ѕвезда гледајќи ѝ на кафе.

Кога Атиџе тргнала во Скопје да го проба фустанот за Оскарите, раскажува Георгиев, ѝ беа потребни 20 минути за да пропешачи 200 метри затоа што многу луѓе сакаа да направат селфи со неа.

„Луѓето ја сакаат. Таа стана ѕвезда. Немаме избор освен да се носиме со тоа. Антрополошки, не би требало да го правиме тоа, но имаше голем притисок од јавноста во Македонија таа да оди на Оскарите“, вели Георгиев, плашејќи се дека таму може да ја гледаат како „лав во кафез“.

Контрастот не може да биде поголем, имајќи предвид дека Атиџе досега живееше осамено во селото Бекирлија, каде што собираше мед од диви пчели, но секогаш земаше само половина. Екипата на филмот во меѓувреме ѝ помогна да добие нов дом, блиску до нејзините роднини во „најблиското село до цивилизацијата“.

Оригиналниот текст на Франс-прес можете да го прочитате ТУКА.

извор: 360 степени. мк