Новинарот на тајна задача Ахмед Хусеин Суале, кој истражувал корупција во фудбалот, убиен е во средата во предградие на главниот град на Гана, Акра.

Хусеин-Суале е убиен откако еден пратеник повика на освета против новинарот.Непознати мажи на мотоцикли трипати пукале во новинарот, кој беше дел од истражувачката група „Окото на тигарот“.

Хусеин-Суале додека беше на тајна задача објави текстови кои доведоа до укинување на Фудбалскиот сојуз на Гана.

Би-Би-Си во 2018 година сними докумнтарен филм за скандалот, откако доби пристап до истрагата што ја водеше контроверзниот новинар Анас Аремајав, кој раководи со „Окото на тигарот“. Откако Би-Би-Си го емитуваше филмот, пратеникот во Парламентот на Гана, Кенеди Агјапонг објави фотографија од Хусеин-Суале и повика на освета против новинарот.

– Доколку дојде овде, претепајте го. Што и да се случи, јас ќе платам, изјави тогаш Агјапонг.

Анас на социјалните мрежи објави дека нема да го замолчи убиството на член на неговиот тим.

Хусеин-Суале соработувал и со Би-Би-Си, меѓу кои и на сторијата за продажба на делови од човечки тела за ритуална магија на Малдиви.

Насилството врз новинарите во Гана е ретко. Меѓународното здружение на новинари наведува дека последен пат во Гана убиен е новинар во 2015 година. Додека во текот на 2017 година ширум Африка убиени се осум новинари.