„Тоа што директната закана од функционер да лиши друг функционер од живот се третира само со граѓанска тужба, покажува дека судскиот систем и понатаму останува заробен од власта“, рече Висар Ганиу. Градоначалникот на Чаир во петокот пријави дека добил смртна закана во две полициски станици бидејќи се сомневал дека интервенциите за замолчување на овој случај ќе стигнат пред него во станиците во „Бит Пазар“ и „Кисела Вода“. Тој вели дека инспекторите и обвинителот однапред добиле наредба како да постапат по случајот, известува ТВ АЛСАТ.

„Причината зошто постапија така е очигледна, бидејќи кога се појавивме во полициските станици таа вечер имаа информации, имаа наредби како да постапат и таму ми рекоа дека оваа постапка ќе биде проследена со приватна тужба. Ова покажува дека судството е заробено, правдата кај нас не функционира и ова покажува дека се е контролирано од централната власт“, вели Ганиу.

Кога избран и именуван функционер ќе добие закана по неговиот живот, тогаш истражните органи треба да пристапат кон случајот и да не го оставаат само со приватна тужба, велат адвокатите со кои контактиравме. Но, Обвинителството само го потврди ставот на МВР дека овој случај може да се води само по приватна тужба.

„Јавното обвинителство работи само согласно законските овластувања и согласно одредбите од Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Во конкретниот случај, според досега испитаните факти и околности, евентуално станува збор за кривично дело кое по приватна тужба се води од оштетениот. Доколку при увидите од МВР се обезбедат други докази и доколку има пријава за друго кривично дело соодветно ќе се постапи“, велат од ЈО.

Ганиу рече дека во понеделник ќе се консултира со адвокатите за да поднесе тужба до Граѓанскиот суд, но бара Обвинителството да го истражи случајот и да спречи ескалација на ситуацијата.

„Официјално немам информации од надлежните органи. Денеска бев информиран од медиумите дека дежурниот обвинител таа вечер одлучил случајот да продолжи со приватна тужба и да не се процесуира службено, иако сум функционер“, додава Ганиу.

Потсетуваме дека заканата по живот и телефонските навреди кон Висар Ганиу и Изет Меџит, според нивните тврдења, ги упатил нивен сопартиец од ДУИ, Мухарем Хасани, кој е и јавен функционер, односно е заменик директор на Царината. Кавгата започна кога Ганиу коментираше за статутарни нерегуларности на кандидатурите за претседатели на партиските ограноци на ДУИ, кои ќе се избираат на 2 јули. Хасани е кандаидат за претседател на партискиот огранок на ДУИ во Бутел.