Европејците се уште силно ја поддржуваат Украина, но сега, две години од почетокот на инвазијата, едвај 10 отсто од нив веруваат дека Украина може да ја победи Русија, покажува анкета спроведена во 12 земји од ЕУ, пишува Гардијан. Мнозинството испитаници веруваат дека ќе треба да се најде некаков вид на компромис за да се стави крај на војната.
Ова означува делумна промена во размислувањето, со оглед на тоа дека пред една година мнозинството Европејци веруваа дека Украина треба да ја врати целата изгубена територија.
– За да ја оправдаат континуираната поддршка за Украина, лидерите на ЕУ ќе треба да го променат начинот на кој зборуваат за војната, оцени коавторот на студијата Марк Леонард од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), кој ја предводеше анкетата.
Повеќето Европејци „очајно посакуваат да се спречи руска победа“, но не веруваат дека Киев може да победи воено, рече Леонард, што значи дека најубедливиот аргумент за сè поскептичната јавност би било дека континуираната помош „може да доведе до одржлив, заемно корисен мир за Киев, а не за Русија“.
Анкетата е спроведена во јануари, пред повлекувањето на Украина од Авдијевка – каде Русија ја постигна најзначајната воена победа од заземањето на Бахмут минатиот мај, во 12 земји-членки на ЕУ (Франција, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, Шпанија, Шведска, Романија, Португалија, Грција, Австрија).
Резултатите од истражувањето покажуваат дека неуспешните украински контраофанзиви и стравувањата од промена на американската политика со евентуалното доаѓање на Доналд Трамп на претседателската функција го зголеми песимизмот кај европските жители.
Истражувањето покажа дека само еден од 10 Европејци во 12-те анкетирани земји верува дека Украина ќе победи на бојното поле, додека двојно повеќе (20 отсто) предвидуваат победа на Русија. Дури и во најоптимистичките земји-членки како Полска, Шведска и Португалија, само 17 проценти од испитаниците (1 од 5) веруваат дека Киев може да надвладее.
Во сите земји, најчесто мислењето, кое го споделуваат просечно 37 отсто од испитаниците, е дека војната ќе заврши со компромисно решение, иако некои земји се повеќе наклонети кон тој исход од други.
Во Шведска (50%), Португалија (48%) и Полска (47%) испитаниците велат дека Европа треба да и помогне на Украина да ги постигне своите цели, додека во Унгарија (64%), Грција (59%), Италија (52%). и Австрија (49%), испитаниците биле повеќе наклонети кон некаков вид на спогодба меѓу Киев и Москва. Во Франција, Германија, Холандија и Шпанија мислењата се порамномерно поделени.
Најголем предизвик, велат истражувачите, ќе биде да се одреди кој би бил „прифатлив мир“ за Украина. Тврдат дека во таа насока треба да оди и реториката на ЕУ, а не, како досега, за апсолутна победа на Украина. Но, ќе биде тешко да се најде решение кое нема да биде сфатено како украински пораз ниту како руска победа.
фото: архива