Македонската фудбалска репрезентација денеска го имаше собирот во пресрет на новиот циклус од Лигата на нации, каде нашите најдобри фудбалери ќе се натпреваруваат во сегментот Б и за противници ќе ги имаат селекциите на Швајцарија, Словенија и Шкотска.

Меѓу првите кои пристигнаа на собирот беа и дебитантите, а во центарот на вниманието се најде Матеј Гаштаров. 19-годишниот фудбалер зад себе има одличен период во дресот на Црвена Звезда.

„Секако дека сум пресреќен што сум овде. Чест и привилегија е да се биде тука. Дали очекував се ова да ми се случи за само еден месец. И клупска минутажа, првотимски статус, Европа, а еве сега и А репрезентација. Искрено не. Но, кога ете сето тоа ми се случи, со цела сила се посветувам на предизвикот. За ова работев сиот овој период. Не чека тешка задача но подготвен сум. Сигурен сум дека одлично ќе бидам прифатен од страна на постарите“, изјави Гаштаров.