Европската унија може да се соочи со запирање на целиот увоз на руски гас на краток рок, што може да предизвика длабоки економски последици и да бара итни мерки за намалување на побарувачката, се вели во извештајот на бриселската тинк-тенк „Брјугел“.
Ескалацијата на тензиите меѓу Западот и Русија поради Украина ја зголеми загриженоста за испораките на руски гас во Европа, што ги натера Европската комисија и САД да бараат алтернативни извори за снабдување.
Во извештајот што ќе биде објавен денеска, „Брјугел“ наведува дека ако Русија ги прекине сите испораки на гас, ЕУ ќе мора истовремено да го зголеми увозот на течен природен гас и да воведе итни мерки за намалување на побарувачката – како што е затворање фабрики – со цел да избегне сериозен недостиг.
Според еден од експертите во „Брјугел“, Симоне Талиапиетра, ваквото сценарио би имало длабоки последици за економијата.
Порастот на цените на гасот во изминатите месеци веќе ги зголеми сметките на европските домаќинства и принуди некои сектори зависни од гас да го намалат производството. Русија обезбедува околу 40 отсто од потрошувачката на гас во ЕУ, но оваа зависност варира од земја до земја.
Според „Брјугел“, во случај на силен студ и без снабдување со руски гас од февруари, резервите на гас на ЕУ би можеле да бидат исцрпени до крајот на март. Ако испораките на руски гас запрат следната зима и понатаму, на ЕУ ќе и биде уште потешко да се справи со ситуацијата. Европа потоа ќе мора дополнително да ја намали потрошувачката на гас, особено со зголемување на производството на електрична енергија на јаглен – што ќе доведе до зголемени емисии на јаглерод – или може да го одложи затворањето на германските нуклеарни централи, што е политички чувствително прашање.