Оставка на Али Ахмети на функцијата претседател на ДУИ и Артан Груби вршител на должност лидер на партијата, објави приштинскиот весник Газета експрес.

„По поканата да сведочи во Хаг, постојат сомневања дека Али Ахмети може да си даде оставка од позицијата претседател на ДУИ, бидејќи процесот на сведочење и интервју од страна на обвинителите на специјализираните комори ќе биде долг, со што случајот го оневозможува Ахмети да ги извршува своите должности како претседател на партијата“, објавува Газета експрес.

Ахмети се очекува да замине во Хаг на крајот од август, а неговата оставка се очекува да се случи во текот на септември, пишува приштинското гласило.

Органите на партијата, според Газета експрес, очигледно не се подготвени за оваа ситуација и не размислуваат да назначат наследник на функцијата претседател на партијата затоа што во ДУИ се смета дека ликот на Ахмети е обединувачки.

Неофицијални извори за весникот го навеле името на Артан Груби, како можен в.д. претседател на ДУИ до следниот партиски конгрес. Груби, пак, според приштинското гласило, доаѓа од позицијата прв вицепремиер на државата, што во случајов е највисоката позиција што ја има Албанец во Македонија. Груби не открива дали на средбата со Сашо Мијалков разговарале и на оваа тема.