Во Женева денеска почна 79-то Светско здравствено собрание, на кое шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ги истакна предизвиците со кои се соочува ова тело на ОН.
– Живееме во тешки, опасни и поделени времиња – рече Тедрос на отворањето на собирот, кој доаѓа само еден ден откако СЗО прогласи меѓународна вонредна состојба за јавното здравје во Конго и Уганда, по избувнувањето на смртоносниот вирус Ебола.
Како што пренесе ДПА, главната цел на собранието, кое е највисокото тело за носење одлуки на СЗО, а која се однесува на усвојувањето на анексот за Пристап до патогени и споделување на придобивките (PABS) – клучен дел од Пандемискиот договор на СЗО – не се очекува да се постигне на овој собир поради недостиг на консензус меѓу земјите членки.
Во соопштението на почетокот на месецов, СЗО наведе дека системот PABS е наменет да обезбеди брзо споделување на патогени со пандемиски потенцијал, како и праведно и еднакво споделување на придобивките што произлегуваат од нивната употреба, како што се вакцини, дијагностика и терапевтските средства.
Финализирањето на Анексот PABS е неопходно за земјите да можат да продолжат со потпишувањето и ратификацијата на Пандемискиот договор, кој беше усвоен минатата година без овој анекс. Сепак, ратификацијата во поединечните земји може да продолжи дури откако тој ќе биде комплетиран.




