Генералното собрание на НАТО усвои резолуција поврзана со Самитот на Алијансата одржан во Мадрид, како и со актуелната руска агресија врз Украина.
„Ги повикуваме државите членки јасно да изјават дека руската држава под сегашниот режим е терористичка“, истакнуваат од Генералното собрание на НАТО.
„Им нагласуваме на владите и парламентите на земјите-членки на НАТО дека, со оглед на флагрантните и повторени прекршувања на Основачкиот акт на НАТО и Русија од страна на Русија, документот сега е ништовен. Ги повикуваме земјите-членки да ги зголемат воените, разузнавачките, финансиските и хуманитарните поддршка на Украина, а државите да преземат колективна активност за формирање на меѓународен суд за злосторства на агресија извршени од Русија во војната против Украина“, се посочува во резолуцијата.
Генералното собрание на НАТО, исто така ги повикува членките да ја зачуваат способноста за дејствување на поширок простор. „Ги повикуваме државите да ја зачуваат способноста да дејствуваат надвор од зоната на НАТО, особено во пошироката евроатлантска област, вклучително и Медитеранот и Балканот, и да ги земат предвид лекциите научени од минатите мисии на НАТО со цел подобро дефинирање параметрите на ангажманот на НАТО“, заклучуваат во резолуцијата.
Во неа, исто така се поздравува повикот Финска и Шведска да ѝ се приклучат на Алијансата и се повторува непоколебливата поддршка за политиката на отворени врати на НАТО и евроатлантската интеграција на Украина, Грузија и на Босна и Херцеговина.
Како што е нагласено, резолуцијата е усвоена на 21 ноември. Во неа се посочува дека НАТО мора да остане посветен на пристапот, во кој ќе го задржи фокусот на спротивставувањето на растечката закана од тероризам и решавање други предизвици.
Парламентарното собрание на НАТО е основано во 1955 година и служи како советодавно тело и меѓупарламентарна организација за државите членки на Сојузот и на некој начин, претставува врска меѓу воено-политичката организација и парламентите членки.
Како и другите резолуции, ниту оваа не е обврзувачка за членките, но, служи како препорака за понатамошно дејствување.