Генералното собрание на Обединетите нации денеска ќе одржи седница на која ќе расправа за нацрт-резолуцијата за повторно разгледување на кандидатурата на Палестинците за членство во организацијата и доделување дополнителни права.
Според агенциите, Обединетите Арапски Емирати предлагаат нова резолуција, која ќе биде претставена на гласање пред Генералното собрание.
Осврнувајќи се на правото на Палестинците на самоопределување и државност, резолуцијата го повикува шефот на ОН, Антонио Гутереш, да ги преземе неопходните чекори за спроведување на одлуката. Во анексот се бара право „Палестина да биде меѓу земјите-членки по азбучен ред и право да влезе во листата на говорници за точките на дневниот ред, освен палестинските и блискоисточните прашања“. Исто така, се бара право на Палестина на целосно и ефективно учество на конференциите на Обединетите нации и меѓународните конференции и состаноци.
Палестинците во 2011 година поднесоа барање за полноправно членство во ОН, но не ја добија поддршката од Советот за безбедност, па во 2012 година добија „статус на постојан набљудувач“ во ОН.