Германија планира да воведе построги мерки за спречување на коронавирусот на локално ниво и надминување на заканата од втор бран, се наведува во нацрт-договорот меѓу федералните и регионалните власти.

Како што пренесуваат странските агенции, новите правила ќе вклучуваат забрана за патување „во и надвор од погодените области“ за ограничување на ширењето на вирусот, се наведува во документот. Планот се очекува да биде финализиран денеска.

Во нацрт-документот се нагласува дека забраната за патување треба да се изрече „ако бројот продолжи да расте и не е сигурно дека синџирот на заразата не е прекинат“ во погодената област.

Во вторникот германската канцеларка Ангела Меркел ја поддржа забраната за патување на луѓе од жариштата со случаи на коронавирус, наметнати од локалните власти.