Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за надворешни работи Хаико Мас денеска повторно се дистанцираа од францускиот претседател Емануел Макрон, кој рече дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“.

– НАТО, Северноатлантската алијанса е столбот на нашата одбрана. Сепак, сè повеќе е јасно дека ние Европејците, членки на ЕУ кои се во НАТО, треба да преземеме поголема одговорност во иднина, рече Меркел во емисијата посветена на 64-тиот роденден на германската армија, Бундесверот .

Меркел вечерва во Берлин ќе се сретне со Макрон, а на вечерата ќе присуствува и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Таа истакна дека треба да се зајакне европската страна во НАТО.

– Поради тоа во ЕУ постои соработка во доменот на одбраната, рече германската канцеларка.

Хаико Мас, во сличен тон, во колумна за весникот „Шпигел“ напиша дека Германија „сака и има потреба од НАТО“.

– Би било грешка да се дозволи НАТО да пропадне. Без САД, ниту Германија ниту Европа не се во состојба ефикасно да се бранат, оцени тој.

Емануел Макрон ја разбранува јавноста кога во четвртокот оцени дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“ поради, меѓу другото, отсуството на координација меѓу САД и Турција, која, иако е членка на НАТО, неодамна самостојно воено интервенираше во Сирија.

– Мора да разјасниме кои се стратешките цели на НАТО, рече француски претседател.

Меркел веднаш потоа изјави дека не ја дели „радикалната“ визија на Макрон